Фудбал

ИСТОРИЈA: ПРВ ФУДБАЛЕР ИСКЛУЧЕН ПОРАДИ ПОКРИВАЊЕ НА УСТАТА ДОДЕКА ЗБОРУВА

Натпреварот меѓу Парагвај и Турција на Светското првенство донесе еден од најнеобичните моменти во историјата на големите фудбалски турнири.

Парагвајците го отворија мечот од соништата. По само 65 секунди игра, Матијас Галарса ја затресе мрежата за водство од 1-0 и им донесе идеален почеток на своите соиграчи.

Но, наместо да се зборува за раниот погодок, вниманието многу брзо беше насочено кон Мигел Алмирон.

Парагвајската ѕвезда во еден момент му пријде на турскиот репрезентативец Мерт Милдир, ги покри устата со рака и му се обрати. Камерите го забележаа моментот, но не и тоа што точно било кажано.

Сепак, тоа беше доволно за судијата да реагира по консултација со ВАР собата. Алмирон доби директен црвен картон и беше исклучен од игра.

Причината лежи во едно од новите правила воведени за ова Светско првенство. Според насоките на ФИФА, играчите повеќе не смеат да ги покриваат устата кога на непријателски или навредлив начин му се обраќаат на противнички играч, бидејќи тоа го отежнува утврдувањето на содржината на комуникацијата.

Со ова исклучување, Алмирон стана првиот фудбалер во историјата кој добил црвен картон токму поради ваков прекршок.

Засега не е познато што точно му кажал на Милдир, па затоа не може да се потврди дали станувало збор за навреда или нешто друго. Но, самиот гест и проценката на судиската екипа беа доволни за најстрогата казна.

Така, Парагвај од еуфорија по раниот гол за само неколку минути се најде во сосема поинаква ситуација, останувајќи без еден од своите најважни играчи.

Без разлика на конечниот резултат, овој натпревар веќе влезе во историјата на Светските првенства како прв случај во кој фудбалер е исклучен поради прекршување на новото правило поврзано со покривањето на устата при комуникација со противник.