ФЕЛИКС ЦВАЈЕР ВО НЕОБИЧНА СИТУАЦИЈА: КОЛЕГИТЕ ГО СПАСУВАА НА ТЕРЕНОТ
Објавено на: 20.06.2026
САД обезбедија пласман во нокаут-фазата на Светското првенство со победата од 2:0 против Австралија, но натпреварот ќе остане запаметен и по една навистина необична сцена во самиот финиш.
Американците ја завршија работата уште во првото полувреме. Најпрво поведоа со автоголот на Камерон Бургес, а потоа Алекс Фримен ја удвои предноста по акција која беше потврдена по ВАР проверка.
Австралија не успеа сериозно да се врати во натпреварот, па САД мирно го приведоа мечот кон крај и ја заверија втората победа на турнирот.
Сепак, во судиското продолжение вниманието не беше насочено кон фудбалерите, туку кон главниот судија Феликс Цвајер.
Во 94. минута германскиот арбитар почувствувал силни грчеви во нозете и бил принуден накратко да го прекине натпреварот. Цвајер легнал на тревникот, по што веднаш реагирале неговите колеги од судиската екипа.
Еден од помошните судии му помогнал со истегнување на ногата директно на теренот, додека четвртата судијка дотрчала со електролити за да му помогне побрзо да закрепне.
Необичната сцена предизвика насмевки кај дел од навивачите на трибините, но и бројни реакции на социјалните мрежи, каде снимката брзо стана вирална.
Aconteceu agora
ESTADOS UNIDOS X AUSTRÁLIA
FALTANDO 3 MINUTOS, ELE SENTIU HEINFELIX ZWAYER pic.twitter.com/pf4FMin17B
— Hora Do Gol! (@vn_ketelaere) June 19, 2026
За среќа, ситуацијата не беше сериозна. По околу една минута пауза и кратко истегнување, Цвајер повторно застана на нозе и без проблем го доврши натпреварот.
Така, покрај победата на САД и пласманот во следната фаза, мечот против Австралија ќе остане запаметен и по редок момент кога медицинска помош не му беше потребна на некој фудбалер, туку на главниот судија.