Фудбал

ИСТОРИЈАТ НА НАЈГОЛЕМОТО ФУДБАЛСКО РИВАЛСТВО ВО МОМЕНТОВ

Кога Бразил и Норвешка ќе се сретнат во осминафиналето на Светското првенство, вниманието нема да биде насочено само кон Винисиус, Нејмар или Ерлинг Халанд. Во центарот на вниманието повторно ќе бидат Халанд и Габриел Магаљаеш, чие ривалство во последните две години прерасна во едно од најжестоките во светскиот фудбал.

Сè започна во март 2024 година, кога Арсенал гостуваше кај Манчестер Сити. Во ремито без голови, Габриел постојано го провоцираше и физички го оттурнуваше Халанд, а по последниот судиски свиреж двајцата сакаа и физички да се пресметаат. Ситуацијата мораше да ја смирува Пеп Гвардиола.

Неколку месеци подоцна следуваше моментот што стана симбол на нивното ривалство.

По драматичното реми меѓу Манчестер Сити и Арсенал, кога граѓаните израмнија во последните секунди од натпреварот, Халанд ја зеде топката и ја фрли во тилот на Габриел. Набргу потоа, камерите го снимија како му порачува на тренерот на Арсенал, Микел Артета:

Stay humble.

Таа реченица стана една од најпознатите во англискиот фудбал и со месеци се користеше како провокација меѓу навивачите на двата клуба.

Но, Габриел не остана должен.

Во февруари 2025 година Арсенал го декласираше Манчестер Сити со 5:1, а по првиот гол бразилскиот стопер му се израдува директно во лице на Халанд. Подоцна призна дека намерно го провоцирал.

Постојано славев до него. Кога поведовме, во лице му прославив.

Последниот инцидент се случи во април 2026 година. За време на новото дерби меѓу Арсенал и Манчестер Сити, Габриел со глава го оттурна Халанд. Норвежанецот остана на нозе, а ВАР не реагираше.

По натпреварот Халанд изјави дека потегот заслужувал црвен картон.

Да паднев како што прават многумина, сигурно ќе беше исклучување. Но татко ми ме научи секогаш да останам на нозе.

Сега, за првпат нивното ривалство се сели и на Светското првенство.

Бразил против Норвешка ќе биде уште една можност за ново поглавје во пресметката меѓу двајцата фудбалери, кои одамна покажаа дека нивната нетрпеливост не завршува со последниот судиски свиреж.