ТРАМП И СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА ФИФА: ГО ПОМИЛУВАА АМЕРИКАНЕЦОТ ПРЕД ДУЕЛОТ СО БЕЛГИЈА
Објавено на: 05.07.2026
ФИФА донесе контроверзна одлука која веќе предизвикува бројни реакции во фудбалската јавност. Американскиот напаѓач Фоларин Балогун ќе може да настапи во осминафиналето на Светското првенство против Белгија, иако доби директен црвен картон на натпреварот против Босна и Херцеговина.
Балогун беше исклучен во 64. минута по интервенција на ВАР. Бразилскиот судија Рафаел Клаус првично не покажа ниту жолт картон, но по прегледувањето на снимката ја промени одлуката и му додели директен црвен картон поради старт врз Тарик Мухаремовиќ.
Иако по натпреварот беше објаснето дека на Светското првенство не постои класична жалбена постапка за автоматската суспензија поради директен црвен картон, Дисциплинската комисија на ФИФА сепак најде начин да ја промени ситуацијата.
Врз основа на член 27 од Дисциплинскиот правилник, казната не е избришана, туку нејзиното извршување е условно одложено за една година. Тоа значи дека Балогун ќе биде на располагање на селекторот Маурисио Покетино за дуелот со Белгија, а суспензијата ќе се активира само ако во следните 12 месеци направи сличен прекршок.
Одлуката претставува големо олеснување за американската репрезентација, бидејќи Балогун е еден од најдобрите играчи на тимот на овој Мундијал. Досега постигна три гола, меѓу кои и водечкиот погодок против Босна и Херцеговина.
Дополнително внимание привлече и реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно ја поздрави одлуката на ФИФА.
Благодарам на ФИФА што ја направи вистинската работа и исправи голема неправда.
USA-USA-USA 🦅 https://t.co/yKnJxew9tU pic.twitter.com/75KmExgrUJ
— The White House (@WhiteHouse) July 5, 2026
Одлуката на ФИФА веќе отвори дебата дали е направен преседан во текот на Светско првенство и дали сите репрезентации би добиле еднаков третман во ваква ситуација.