ГОДИНАТА БЕЗ МАРАДОНА ЌЕ ЈА ОДБЕЛЕЖИМЕ СО НЕГОВАТА ЛЕГЕНДАРНА НАЈФУДБАЛСКА ИЗЈАВА НА СИТЕ ВРЕМИЊА
Објавено на: 25.11.2021
Фудбалски Бог може да биде само еден, а тоа е Диего Армандо Марадона. Не затоа што беше најдобар фудбалер во неговата генерација, не затоа што е најдобриот во историјата, туку затоа што е роден под таа ѕвезда, која го прави тоа што е денес – симбол за најубавата и најпопуларната игра што ја измислил човекот.
Марадона е единствениот во историјата кој без расни генерации, освојуваше пехари со Аргентина и со клубовите, конкретно со Наполи. Тој ги правеше сите околку него подобри играчи, наместо тимот да игра за него. Сите го чуваа Марадона, а тој даваше голови против 11-мина, на секој натпревар и против секого.

Да ја гледам топката… да трчам по неа… ме прави најсреќниот човек на светот. – рече своевремено, Марадона.
Аргентинскиот фудбалски ас не беше воопшто светец, во неговиот век на овој свет имаше многу пороци и го заврши трагично – почина од срцев удар под се уште неразјаснети околности, во 60-та година од животот. Но, ништо не може да го засени неговото фудбалско велемајсторство.
Има такви кои даваа(т) повеќе голови од него, има такви кои дриблаа(т) подобро од него, има секакви кои на разни начини биле или се подобри од него. Но, никој ја нема неговата карма, неговата чудесна енергија која се уште ја чувствуваме. Помина една година без тебе, најголем фудбалеру на сите времиња!