МАНЧЕСТЕР Ј. ПОДГОТВЕН ДА ПЛАТИ 10 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ДА ГО АНГАЖИРА СЕЛЕКТОРОТ НА САД
Објавено на: 10.11.2026
Мајкл Керик е многу блиску до излезната врата во Манчестер јунајтед. Тоа доцна синоќа го потврди и Фабрицио Романо, кој најавува дека актуелниот тренер на Црвените ѓаволи во многу скоро време може да добие отказ.
Таквите најави само ги подгреаа шпекулациите за тоа кој ќе биде наследникот на Керик на „Олд Трафорд“. Најновите најави се дека актуелниот селектор на САД, Маурисио Покетино, е сè поблиску до преземање на тренерската функција во Манчестер Јунајтед.
По вчерашните разговори во кои учествуваа директорите Омар Берада и Џејсон Вилкокс, раководството на клубот заклучило дека е неопходна промена. Денес, двајцата ќе отпатуваат за Монако за да се сретнат со еден од косопствениците, Сер Џим Ретклиф. Според информациите, директорите имаат намера да предложат отпуштање на Керик.
Сето ова повторно ќе повлече значителни трошоци за клубот од „Олд Трафорд“. Според „Атлетик“, клубот ќе треба да ѝ плати 10 милиони долари (приближно 7,4 милиони фунти) на Фудбалската федерација на САД за предвремен раскин на договорот на Покетино. Аргентинецот потпиша нов договор по Светското првенство и моментално е обврзан кон федерацијата до 2030 година.
Англиските медиуми пренесуваат дека самиот тренер е подготвен да го преземе Манчестер Јунајтед. Аргентинецот во неколку интервјуа во текот на изминатите години, изрази желба да се врати во Премиер лигата. Поранешниот тренер на Тотенхем, ПСЖ и Челси моментално се наоѓа во Националниот тренинг центар на американската федерација во Фејетвил, Џорџија, каде што го подготвува тимот за четвртфиналните натпревари од Лигата на нации на КОНКАКАФ против Хаити – кои ќе се одиграат оваа сабота во Мајами и следниот вторник во Синсинати.
Доколку преговорите со Аргентинецот не вродат со плод, раководството на „Црвените ѓаволи“ ќе се насочи кон Еди Хау или Јулијан Нагелсман.