ЃОКОВИЌ ОТКРИ КОГА И КАДЕ ЌЕ СЕ ПЕНЗИОНИРА
Објавено на: 17.08.2026
Новак Ѓоковиќ веќе неколку години внимателно го намалува бројот на турнири на кои настапува. На 39 години, српскиот тенисер повеќе не сака да минува низ речиси непрекинатиот натпреварувачки ритам што го следеше во најголемиот дел од кариерата, туку сè повеќе време им посветува на семејството и животот надвор од тенисот.
Сепак, еден од најдобрите тенисери во историјата сè уште не размислува за непосредно повлекување. Ѓоковиќ верува дека може да се натпреварува на највисоко ниво, но е свесен дека неговата иднина ќе зависи пред сè од физичката состојба.
Во големо интервју за каталонски Спорт, дадено во пресрет на премиерата на неговиот документарен филм Wolf in Winter, Ѓоковиќ зборуваше и за тоа како го замислува крајот на својата кариера.
Неговата стратегија е јасна: помалку турнири, внимателно избран распоред и фокус на натпреварувањата што му значат најмногу. Токму таквиот пристап, според него, може да му овозможи да остане на теренот уште неколку години.
А една цел особено се издвојува. На прашањето дали настапот на следните Олимписки игри за него претставува само сон или конкретна цел, Ѓоковиќ откри дека е комбинација од двете.
Се надевам дека ќе можам да стигнам до следните Олимписки игри и да ја завршам кариерата со знамето на Србија на рамениците.
Со оваа изјава Србинот јасно откри како би сакал да изгледа последниот чин од неговата огромна кариера.
Олимписките игри имаат посебно значење за Ѓоковиќ. Во Париз во 2024 година, на 37-годишна возраст, конечно го освои олимпиското злато кое долго време му недостигаше во богатата колекција.
Претходно освои бронза во Пекинг во 2008 година, а по неколку неуспешни обиди, во својот петти олимписки настап конечно стигна до највисокото место на подиумот.
Доколку успее да ја оствари својата желба и да настапи и на следните Олимписки игри, тоа би можело да биде и последното големо поглавје во кариерата на Ѓоковиќ.