Фудбал

НЕСПОРТСКИ ПОТЕГ НА МБАПЕ НА ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР

Реал Мадрид ги заврши подготовките за новата сезона со убедлива победа од 3:0 против Шалке во Гелзенкирхен, но резултатот остана во сенка на инцидентот меѓу Килијан Мбапе и Никола Катиќ.

Пред крајот на првото полувреме дојде до конфликт меѓу француската ѕвезда и дефанзивецот на Шалке.

Мбапе се обиде со дриблинг да го помине Катиќ и да му ја протне топката меѓу нозете, но дефанзивецот успеа да му ја одземе и да започне напад на својот тим. Ситуацијата, сепак, не заврши тука.

По дуелот Мбапе му пријде на Катиќ, кој според снимките од трибините му кажал нешто и продолжил да се движи. Французинот потоа реагираше непримерно, му пријде од зад грб и со двете раце го удри во пределот на главата.

Катиќ не возврати на потегот, но реакцијата веднаш пристигна од трибините. Навивачите на Шалке бурно негодуваа кон Мбапе поради неговото однесување.

Целиот момент беше снимен од еден од гледачите, а видеото набрзо почна да се шири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции.

Особено внимание привлече фактот што главниот судија не го казни Мбапе за неговиот потег.

Инцидентот фрли сенка врз пријателскиот натпревар кој имаше посебно значење за Шалке и беше дел од одбележувањето на 25-годишнината од стадионот.

Реал Мадрид на крајот славеше со 3:0 и со победа ги заврши подготовките, но по последниот свиреж најмногу се зборуваше за потегот на Мбапе кон Катиќ.