Фудбал

ПРЕМИЕР ЛИГАТА СО НОВИ ПРАВИЛА: ЕВЕ ШТО СЕ МЕНУВА ОД НОВАТА СЕЗОНА

Премиер лигата од новата сезона ќе воведе неколку промени во правилата кои веќе беа применети на Светското првенство. Целта е да се намали одолговлекувањето и да се зголеми ефективното време на игра.

Една од најинтересните промени се однесува на фудбалерите кои ќе побараат лекарска помош. Доколку играч добие медицински третман на теренот, ќе мора да помине една минута надвор од игра пред да може повторно да се врати.

Со оглед на физичкиот интензитет и големиот број дуели во англискиот фудбал, ова правило би можело често да се применува во текот на сезоната.

Промени ќе има и кај прекините на играта.

При изведување аут, фудбалерите ќе имаат пет секунди за да ја вратат топката во игра. Доколку не го направат тоа навреме, правото за изведување ќе му припадне на противничкиот тим.

Слично правило ќе важи и за голманите при изведување од гол. Доколку голманот не ја врати топката во игра во предвидениот рок, противничката екипа ќе добие корнер.

Новитет има и во користењето на ВАР.

Видео-технологијата ќе може да интервенира во ситуации кога фудбалер ќе добие втор жолт картон и поради тоа ќе биде исклучен од натпреварот. Проверката ќе биде можна само доколку судијата навистина го покажал вториот жолт картон. Од друга страна, ВАР нема да може да интервенира доколку судијата воопшто не покажал втор жолт картон во спорна ситуација.

Сепак, едно од правилата што привлече големо внимание на Светското првенство нема да биде пренесено во Англија.

Премиер лигата нема да ги користи таканаречените cooling breaks, односно дополнителните паузи за разладување кои беа дел од натпреварите на Светското првенство.

Со новите правила, англиската лига се обидува дополнително да го забрза темпото на натпреварите и да го ограничи намерното трошење време.