Фудбал

РОНАЛДО МОЖЕ ДА ДОБИЕ ДРАКОНСКА КАЗНА КОЈА БИ МОЖЕЛА ДА ЗНАЧИ И КРАЈ ЗА НЕГОВАТА РЕПРЕЗЕНТАТИВНА КАРИЕРА

Кристијано Роналдо повторно е во фокусот на светскиот фудбал, но овојпат поради драмата која може да значи и крај на неговата репрезентативна кариера. Еден од најдобрите играчи на сите времиња, предвреме и самоволно го напушти репрезентативниот камп на португалската репрезентација, а по мистериозната порака која ја испрати преку социјалните мрежи, се чека расплет на оваа драма.

Целата ситуација започна кога на гостувањето во Осло против Норвешка, селекторот Жорже Жесус реши да го остави Роналдо на клупата за резерви цел меч. Тоа беше прв пат по пауза од 18 години Роналдо да биде во составот, а воопшто да не одигра ниту една минута на меч за националниот тим.

Роналдо потоа се налути и веднаш го напушти теренот, а во следните неколку дена не тренираше со екипата. Од синоќа и официјално тој ја напушти репрезентативната база.

„За брзо време на португалскиот народ ќе му ја кажам вистинската причина за моето заминување од репрезентацијата на која секогаш сум бил посветен. Сега е време да им посакам среќа на сите мои соиграчи, без исклучок“, беше пораката од Роналдо.

Многумина сметаат дека ова може да значи дека Роналдо и дефинитивно ќе си замине од репрезентацијата по повеќе од две децении. Освен што ја наруши атмосферата во репрезентацијата, Роналдо може да се соочи и со жестоки санкции од Федерацијата. Според пишувањето на португалскиот спортски весник „А Бола“, поради кршење на дисциплинскиот правилник, на Роналдо му се заканува парична казна, но и суспензија која може да биде и во траење од шест месеци.

„Играчот кој уредно е повикан, а неоправдано не се појави или го напушти тренингот, мечот или активностите на репрезентацијата се казнува со суспензија во траење од еден до шест месеци“, јасно стои во Правилникот.

Роналдо за Португалија дебитираше во далечната 2003 година и вкупно досега одигра 234 меча, а постигна 146 голови. Со репрезентацијата беше европски првак во 2016 година, а се радуваше и на две титули во Лига на нации. Роналдо сега има 41 година и уште е активен на теренот.

По првите две кола во Лига на нации Португалија има максимални шест бодови, а вечерва гостува кај Данска.