ПО КАВГАТА СО ИБРАХИМОВИЌ, АЛЕГРИ САКА ДА СИ ЗАМИНЕ ОД МИЛАН
Објавено на: 15.05.2026
Нови тензии го тресат Милан, а според италијанските медиуми, тренерот Масимилијано Алегри е решен да го напушти клубот по конфликтот со Златан Ибрахимовиќ.
Иако Милан долго време изгледаше стабилно оваа сезона, серијата лоши резултати од април наваму целосно ја искомплицира битката за Лига на шампиони, а атмосферата зад сцената станала уште полоша.
Според миланскиот Кориере дела сера, односот меѓу Алегри и Ибрахимовиќ практично повеќе не постои. Наводно, конфликтот започнал по поразот од Наполи, кога двајцата влегле во жестока расправија околу плановите за тимот и изборот на голман за следната сезона.
По тој инцидент, Ибрахимовиќ со недели не се појавувал во Миланело, а ситуацијата дополнително се влошила бидејќи Алегри бил незадоволен од влијанието што Швеѓанецот го имал врз играчите.
Во извештајот се тврди дека Ибрахимовиќ разговарал директно со фудбалерите и им давал тактички совети, меѓу кои и на Рафаел Леао и Јусуф Фофана.
Дополнителна нервоза создало и тоа што Ибрахимовиќ редовно контактирал со Антонио Касано, еден од најгласните критичари на Милан во јавноста.
Сега сè погласни се најавите дека Алегри сака да си замине на крајот од сезоната, без разлика дали Милан ќе обезбеди место во Лигата на шампиони или не.