Фудбал

ЦРН ДЕН ЗА ПРЕМИЕРЛИГАШИТЕ ВО ЕВРОПСКИОТ ФУДБАЛ

Натпреварите од осминафиналето во Лигата на шампионите донесоа тежок удар за англиските клубови, а резултатите влегоа и во историјата на најелитното европско клупско натпреварување.

Челси беше поразен од ПСЖ во Париз со 5:2, додека Манчестер Сити загуби од Реал Мадрид на Сантијаго Бернабеу со убедливи 3:0.

Со овие резултати се случи нешто што никогаш претходно не се случило во историјата на Лигата на шампионите, односно поранешниот Куп на шампионите. За првпат два англиски клуба загубија истиот ден со три или повеќе голови разлика.

Особено тежок беше поразот на Челси, кој прими дури пет голови. За лондонскиот клуб тоа е само вторпат во историјата на Лигата на шампионите да прими толку многу голови на еден натпревар.

Првиот таков случај се случи уште во април 2000 година, кога Челси загуби од Барселона со 5:1 во четвртфиналето на натпреварувањето.