Фудбал

УЕФА ГО ЧЕШЛА БАЕРН: ДВАЈЦА ФУДБАЛЕРИ ПОД РИЗИК

Баерн Минхен убедливо ја совлада Аталанта со 6:1 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите и практично веќе обезбеди голема предност пред реваншот. Сепак, убедливата победа може да добие непријатно продолжение, бидејќи УЕФА отвори анализа за однесувањето на двајца фудбалери на баварскиот клуб.

Во центарот на вниманието се Олисе и Кимих, кои би можеле да се соочат со дополнителни санкции поради ситуациите во финишот од натпреварот.

Двајцата добија жолти картони кога Баерн веќе водеше со 6:0. Кај Олисе спорната ситуација се случи при изведување корнер, кога францускиот репрезентативец наводно намерно одолговлекувал со изведувањето, по што судијата му покажа жолт картон. Со тоа автоматски го „исчисти“ картонскиот биланс и ќе го пропушти реваншот од осминафиналето.

Сличен момент се случи и со Кимих во 82. минута. Германскиот играч за врска повеќе од 45 секунди одолговлекувал со изведување слободен удар на својата половина. Тоа го изнервира фудбалерот на Аталанта, Јунус Муса, кој дури и го оттурна за да ја забрза играта, по што судијата му додели жолт картон.

Токму поради овие ситуации УЕФА започна дополнителна проверка. Според правилата на европската куќа на фудбалот, намерното добивање жолт картон со цел да се „исчисти“ картонското салдо може да биде дополнително казнето.

Дисциплинската комисија ќе ги анализира и видео-снимките за да утврди дали потезите биле планирани. Доколку се заклучи дека картонот бил намерно изнуден, фудбалерите би можеле да добијат суспензија од два натпревари, како и парична казна.

Таква одлука би била сериозен проблем за Баерн, бидејќи Олисе и Кимих би можеле да го пропуштат евентуалното четвртфинале против победникот од дуелот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити.

УЕФА и претходно имала слични случаи. Еден од најпознатите се случи во 2010 година кога Серхио Рамос беше казнет откако призна дека намерно добил жолт картон против Ајакс. Од друга страна, имало и ситуации кога истрагите не довеле до санкции, како во случаите со Дани Карвахал и Жерар Пике.