Фудбал

23 ЦРВЕНИ КАРТОНИ И МАСОВНА ТЕПАЧКА ВО БРАЗИЛ

Фудбалската сцена во Бразил ноќеска беше сведок на хаотични сцени какви ретко се гледаат дури и на најжестоките дербија. Натпреварот меѓу Крузеиро и Атлетико Минеиро се претвори во целосен хаос по масовна тепачка меѓу играчите која го шокираше фудбалскиот свет.

Инцидентот започна во самата завршница на мечот, во последните секунди од натпреварот. Фудбалерот на домашниот тим Кристијан грубо стартувал врз голманот на Атлетико, Евeрсон. Голманот реагирал бурно, го нагазил противникот и го удрил, по што ситуацијата експлодирала.

За неколку моменти на теренот избила масовна тепачка. Играчите се тепале со раце и нозе, а ситуацијата целосно излегла од контрола. Никој на теренот не успеал да ги смири страстите.

Меѓу најагресивните бил искусниот напаѓач на Атлетико, Хулк. Во еден момент тој го удрил Лукас Ромеро од зад грб, но набрзо и самиот се нашол во центарот на пресметката и добил неколку удари.

Бразилските медиуми сега анализираат секој момент од тепачката, а снимките од хаосот веќе се проширија низ целиот свет. Наместо фудбалски потези, во центарот на вниманието се најдоа нокаутирани играчи и сцени на целосен хаос на теренот.

По натпреварот следуваа и драконски дисциплински мерки, дури 23 фудбалери добија црвени картони поради учество во големиот инцидент.