Фудбал

ЛАПОРТА И ЧАВИ ВО КЛИНЧ

Иако Барселона оваа сезона сигурно чекори кон титулата во Ла Лига, зад сцената се води жестока вербална војна меѓу поранешниот тренер Чави Ернандез и претседателот на клубот Жоан Лапорта, пред изборите за претседател оваа недела.

Чави оваа недела даде интервју за шпанскиот весник Ла Вангардија, во кое изнесе сериозни обвинувања на сметка на раководството на клубот. Поранешниот тренер тврди дека бил изневерен од Лапорта и дека клубот не ја кажал вистината околу неговото заминување.

Сè што клубот зборуваше беше лага. Долго време го носев тоа во себе и чувствувам потреба да ги разјаснам работите. Потпишав за Барселона благодарение на Лапорта, но на крајот ме предаде. Лапорта силно е под влијание на човек кој стои над него. Неговото име е Алехандро Ечеваррија.

Поранешниот тренер изнесе и нови детали за неостварениот камбек на Лионел Меси во Барселона по освојувањето на Светското првенство.

Враќањето на Меси беше практично договорено. Имавме зелено светло од Ла Лига и Лео сакаше да се врати, но Лапорта го запре трансферот. Ми рече дека Меси би можел да му се спротивстави и дека не може да го дозволи тоа.

Претседателот на Барселона не чекаше долго за одговор. Во дебата со Виктор Фонт, Лапорта порача дека е разочаран од настапот на поранешниот тренер.

Ме заболеа тие изјави. Кога ги видов, помислив на Флик. Да се биде претседател значи да носиш тешки одлуки. Видов дека со Чави тимот ќе продолжи да губи и мирен сум кога гледам како работите се развиваат откако си замина. Исти играчи кои губеа со Чави, денес победуваат со Флик.

Тој додаде дека е повреден што луѓе од неговиот близок круг биле искористени во целата приказна, но и директно го обвини Чави дека сака да создаде хаос во клубот.

Чави сака да направи неред, но зад него стои човек кој ги влече конците. Колку што разбирам, тоа е Виктор Фонт. Тој се обидува да го извалка изборниот процес.

Конфликтот меѓу поранешниот тренер и претседателот повторно ја отвори старата рана во Барселона и покажа дека разделбата меѓу двете страни сè уште е далеку од мирно затворено поглавје.