ХОЛАНДСКИ ЕКИПИ ДОГОВОРИЈА ПРИЈАТЕЛСКИ МЕЧ БЕЗ СУДИИ
Објавено на: 26.03.2025
СВ Бранденвурт и СВ Де Брак, двата аматерски фудбалски клуба од Хелмунд, град во јужниот дел од Холандија, утре ќе одиграат пријателски натпревар на кој судии нема да бидат присутни.
Делењето на правдата останува на самите фудбалери, сами ќе одредуваат што е прекршок, а што не е, како и сите останати сегменти кои во обичај се обврски на главниот арбитар. На теренот нема да има главен судија, ниту помошници покрај аут-линиите.
Целта на овој пријателски меч е да се крене свеста за фер-плеј натпреварување, нешто што Холанѓаните сметаат дека е загубено во модерниот фудбал.
„Пријателството и корекноста одамна исчезнаа од терените, сакаме да обрнеме внимание токму на овие работи“, истакна претседателот на Брандевурт, Хари Елзендорн.
Влезот ќе биде бесплатен за сите фудбалски фанатици кои сакаат да присуствуваат на овој револуционерен натпревар.