Фудбал

ПОФАЛБИ ЗА АЛИМИ И НЕГОВАТА ПОЖРТВУВАНОСТ ПОВРЕДЕН ДА ДОЈДЕ ОД КИНА ЗА ДА ИГРА ЗА МАКЕДОНИЈА

Македонската фудбалска репрезентација имаше позитивен старт на квалификациите за Светското првенство 2026, со една победа и едно реми во првите два натпревари. Очекувано сигурен триумф остварија нашите фудбалери со 3-0 над Лихтенштајн, а 30 секунди ги делеа од максимален учинок и 6 бода во средбата против Велс која заврши со 1-1 во Скопје.

Миовски, Елмас, Барди и Чурлинов како главни адути на Милевски беа на потребното ниво, но во овој мартовски циклус јавноста има пофални зборови и за Исник Алими. Играчот за врска на кинескиот клуб Далијан, одговори на повикот и покрај тоа што му беше препорачано да одмора уште десетина дена поради повредата на грбот. Сепак, Алими патуваше 30 часа од Кина за навремено да се приклучи на националниот тим.

Болките ги издржа, па дури и опасниот старт по кој заработи незгода на зглобот во дуелот против Лихтенштајн, не го спречи Алими да ги одигра двата меча и да покаже квалитет во средината на теренот, како и да асистира за 2-0 во Вадуц. Со Велс издржа 60 минути на теренот, снаоѓајќи се одлично во физички изцрпителната пресметка иако Алими играше бандажиран.

Алими постави стандард и е пример како треба да се игра за националниот тим, а ние му посакуваме уште многу одлични партии во дресот на Македонија.