Фудбал

МАРОКО – ХИТ НА ПРВЕНСТВОТО ИЛИ ДРЖАВНА СТРАТЕГИЈА?

Репрезентацијата на Мароко е изненадување на мундијалот што се одржува во Катар. Овој епитет може да се припише само и единствено поради тоа што никогаш претходно, оваа репрезентација не стигнала волку далеку. Според квалитетот на играчите, никако не може да биде неочекувано, ова што го прават Мароканците.

Највозрасниот играч на Мароко има 33 години, најмладиот во оваа конкуренција има 20 години. Повеќето од фудбалерите играат во Англија, Франција, Шпанија, Италија, Белгија и Турција, мал дел од нив се дел од послабите лиги во Саудиска Арабија, Катар и слично.

Не само што играат во силни екипи како ПСЖ, Челси, Баерн Минхен и Севиља, туку репрезентативците на Мароко се носители на игрите на тие тимови, на својата позиција се разбира. Имаат уште 20-тина други играчи кои не се дел од потесниот избор, а главно настапуваат во силните европски клубови и лиги.

Резулатите на Мароканците се плод на макотрпна работа и долготрајна државна стратегија, предводена од „избраниот син“, селекторот со надимак „авокадо глава“, а со име Валид Реграги. Роден во Франција, тој реши да настапува за својата матична земја (како и други од фудбалерите родени вон матичната земја), беше безмилосен дефанзивец кај кого немаше пардон за противникот. Така е и сега, додека седи на селекторската позиција.

Го наследи босанскиот стратег Вахид Халилхоџиќ, кој имаше добар систем на работа, но беше во постојан конфлик со ѕвездите во екипата. Својот на своето ги дотера работите на свое место, по што и резулатот си дојде на свое место. Мароко е гилотина за фаворитите на 22-то светско фудбалско првенство. Ги испрати дома Белгија и Канада од групата, каде играше реми со Хрватска. Шпанија и Португалија беа следните жртви.

Мароко се уште нема примено гол од противнички играч, прими само еден (на мечот со Канада кој заврши 2:1) и тоа беше автогол. Ве потсеќа ли оваа селекција на Грција на ЕП 2004-та? Ве асоцира ли оваа репрезентација на рецептот за големи титули – дефанзивата? Може ли да скине уште еден голем скалп – Франција, на чекор до големото финале каде би играла со Хрватска или Аргентина?