СЕДЛОСКИ: ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ЌЕ БИДАТ САМО ОНИЕ КОИ ИМААТ МИНУТАЖА, НЕМА ВЕЌЕ ДОАЃАЊЕ ЗА ДА СЕ ВИДАТ СО ПРИЈАТЕЛИТЕ
Објавено на: 03.11.2026
Еден од најдобрите македонски фудбалери, Илија Несторовски е изоставен од сставот на селекторот Гоце Седлоски, за престојните два меча од Лига на нации. Македонија прво ќе гостува кај Шкотска на 13 ноември, а три дена подоцна во Скопје ќе играме против Словенија.
Седлоски даде објаснување зошто на списокот го нема Несторовски, но и некои други фудбалери кои во минатото беа стандардни.
„Составот е тој. Играме со две селекции, Шкотска и Словенија. Знаеме за какви селекции станува збор. Треба да ги поправиме грешките. Да се поправиме во однос на залагањето, моториката, трката. Овој список којшто го објавив е составен од играчи коишто имаат минутажа во своите тимови. Тоа е причината. Не е избришан секако. Секако дека има простор за секого повторно да се врати. Нема лутење. И јас кога не играв за клуб не бев повикуван. Нема повеќе да дозволам доаѓање во Скопје и однесување, колку да се рече ете дојдов. Играње за репрезентација се знае што е, а не да се видат со фамилија, со другари да испијат кафе. Тоа нема повеќе да се случува. Јас не дозволувам да доаѓаат играчи како на одмор. И јас сум бил играч, репрезентативец. Миовски не е повикан затоа што нема настапи за Ренџерс, тоа е причината. Има многу малку минутажа за клубот, тоа е главната поента“, рече Седлоски на прес-конференцијата.
