ПО КЛОП, ОД ЛИВЕРПУЛ ЗАМИНУВА И КАПИТЕНОТ?
Објавено на: 29.01.2024
Јирген Клоп одлучи дека е време за одмор, па оваа сезона ќе му биде последна на клупата на Ливерпул. Неговата одлука ја здрма фудбалската јавност на Островот, особено навивачите на Црвените кои тагуваат што Германецот реши да се раздели со клубот по 9 години соработка.
Сепак, уште потежок удар може да биде заминувањето на еден од лидерите на тимот, а тоа е Вирџил Ван Дајк. На капитенот му истекува договорот за 18 месеци, поточно во јуни 2025 година, а според неговата последна изјава, не се знае дали и во иднина ќе го носи црвениот дрес.
„Ќе се сменат многу работи, бидејќи клубот треба да најде замени за целиот стручен штаб, не само менаџерот. До тогаш, мојата судбина останува под знак прашалник, бидејќи ни јас самиот не знам што да правам во моментов. Прво да видиме што ќе се случи во наредниот период, па врз основа на тоа ќе донесам одлука“, истакна Ван Дајк.
Покрај Ван Дајк, и Мо Салах и Трент Александер-Арнолд имаат уште 18 месеци до крајот на нивните договори. Салах веројатно ќе замине веќе на лето и тоа во Саудиска Арабија, откако Ливерпул лани одбиваше астрономски суми за да го задржи Фараонот на „Енфилд“. Што се однесува до Трент, тој веројатно ќе го продолжи договорот, во случај да не се појави привлечна понуда од Реал Мадрид или некој друг гигант.