МЕСИ ЌЕ ОСТАНЕ ВО ИНТЕР МАЈАМИ И ПО 2028 ГОДИНА?
Објавено на: 09.11.2026
Лионел Меси засега нема намера да го напушти Интер Мајами, со што сè повеќе се намалуваат шансите аргентинската суперѕвезда да се врати во татковината и да ја заврши професионалната кариера во дресот на Њуелс Олд Бојс.
Во изминатите месеци многу се шпекулираше за можното враќање на освојувачот на осум „Златни топки“ во клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори. Сепак, таквото сценарио во моментов изгледа далечно, бидејќи светскиот шампион со Аргентина од 2022 година сака да продолжи да игра во САД.
Според информациите, Меси веќе го известил раководството на Интер Мајами дека сака да го испочитува актуелниот договор, кој важи до декември 2028 година. Дополнително, Аргентинецот размислува да остане во клубот и во текот на 2029 година, а условите за евентуално продолжување на соработката би можеле да бидат разгледани уште пред крајот на 2026 година.
Една од главните причини за неговата желба да остане во Флорида е задоволството од животот во САД. Меси и неговото семејство се чувствуваат удобно во новата средина, што има големо влијание врз одлуката за последната фаза од неговата кариера.
Ваквите вести сигурно не ги радуваат навивачите на Њуелс Олд Бојс, кои со години посакуваат да го видат својот најпознат поранешен младинец повторно во клупскиот дрес. Засега, сепак, Меси е фокусиран на Интер Мајами, а неговото враќање во Аргентина останува неизвесно.