ИСУС ОД БЕРГАМО – МОМЧЕТО КОЕ ЗА АТАЛАНТА Е ТОА ШТО ТОТИ Е ЗА РОМА
Објавено на: 29.01.2024
Во Италија верноста кон клубот значи сѐ. Таа лојалност се цени повеќе отколку да си верен кон жена, за тоа најдобро потврдува фамозната изјава на Франческо Тоти, која вели: „ги изневерив сите девојки, но никогаш Рома“. E, тоа што Тоти е за Рома и навивачите на римскиот клуб, подеднакво важен е Клаудио Галимберти за Аталанта, иако тој никогаш не играл фудбал на професионално ниво.
Клаудио „Момчето“ (Il Bacia) Галимберти е икона меѓу навивачите на Чизмата, веројатно и најпознатиот ултрас. Во 1998 година, Бачија ги смирува и спојува сите ултрас фан-групи од Бергамо и формира една голема навивачка група „Curva Nord 1907“. Од тој период, почнува кариерата на Клаудио како најстраствен и најкреативен навивач, кој со своето лидерство и дух ја држи на нозе целата навивачка трибина на стадионот во Бергамо, служејќи како 12-ти играч на тимот кој го води Џанпјеро Гасперини.
Сепак, почитта што Клаудио ја добива од јавноста не е поради неговото страствено навивање, туку поради добротворната работа. Со навивачката група Клаудио често организира хуманитарни акции, помага на бездомници снабдувајќи ги со храна и облека, додека по негова иницијатива, во болниците во Бергамо секое новороденче добива дрес од Аталанта, небаре регрутира идни генерации на ултрас навивачи.
Во 2016 година, во една нова црква во Бергамо, уметникот Андреа Мастровито кој ја цртал иконата од Исус Христос, всушност го нацртал ликот на Клаудио. Наводно, Андреа намерно го нацртал Клаудио бидејќи личи на Исус, но и дека се блиску пријатели. Поради тоа, Момчето доби уште еден прекар во „Исус од Бергамо“.
Но, во златната ера на тимот на Гасперини, Клаудио не е присутен на трибините поради проблеми со надлежните органи. Бачија се соочуваше со затворски казни поради физички напади меѓу навивачите на Аталанта и Интер, но и со навивачи на Ајнтрахт Франкфурт. Исто така, сосема случајно, се нашол на протести организирани од страна на навивачите на Тернана, италијанскиот третолигаш, сестрински клуб на Аталанта, во кои одлучил да учествува и кога демонстрантите се судриле со полицијата. Сепак, на секој натпревар на Аталанта, може да се забележат транспаренти „Ослободете го Клаудио“, а најинтересно е што поддршка добива и од лутите ривали, навивачите на Бреша. „Бочија, наш лојален непријателу, не се предавај“, пишуваше на еден транспарент креиран од навивачите на Бреша.
Неговата приказна завршува со 30-годишна забрана за влез на стадионите низ Италија, односно ова е 19-та година по ред во која популарниот Исус од Бергамо не може да оди на стадион и да навива за Аталанта.