Фудбал

ТИЕ ЌЕ ВЛАДЕАТ, НИЕ ЌЕ ИМ БИДЕМЕ СУПЕРМАРКЕТ

Силвио Берлускони ја предвиде иднината на фудбалот уште во 2007 година. Неговите зборови тогаш беа пречекани со иронично смешкање, деструктивно негодување и катаклизмично отфрлање. Денес, фудбалскиот свет во Италија треба да ја учи оваа изјава како лектира во прво одделение:

Гледам дека Серија А станува сè полоша. Сега сме лидери, но за 15 години ќе бидеме супермаркет. Премиерлигата ќе биде лига број еден со сите останати зад нив. Немаме средства. Потоа Арапите ќе влезат во фудбалот, ние веќе немаме привлечност. Немаме инфраструктура или нови стадиони. Сè уште сме назад, најмалку 30 години. Дали знаете дека Арапите градат цели градови во пустина?

Има толку многу економска сила во таа област што дефинитивно нема да запрат. Тие дефинитивно ќе влезат во фудбалскиот свет бидејќи тоа е најголемиот бизнис и дава најголема видливост. Што нудиме ние? Кој е нашиот џокер? Ако владата не интервенира, ние ќе бидеме фудбалска земја од третиот свет. Во Англија ги охрабруваат младите деца да играат фудбал, таму владата обезбедува средства за фудбалските академии.

Тоа го прават и во Германија. Владата обезбедува средства за бесплатно пријавување на децата во академиите. Во Италија стоиме во место, како да очекуваме се да ни падне од небото како некакво наше историско право. Кога зборувам за овие работи, луѓето мислат дека сум луд. Гледам во иднината и само сум искрен со вас. Иднината на италијанското калчо ја гледам како многу мрачна.

Колку од ова се оствари денес? Или, полесно е да се пресмета колку не се оствари?