ТЕО УДРИ СО ДРВА И КАМЕЊА ПО МИЛАН
Објавено на: 20.12.2025
Поранешниот лев бек на Милан, Тео Хернандез, отворено проговори за начинот на кој клубот се однесувал кон него минатото лето, кога беше продаден во саудискиот Ал-Хилал.
Во интервју за Газета дело спорт во Ријад, каде што италијанските тимови го играат Суперкупот, Французинот без „влакна на јазикот“ ги сподели своите разочарувања, откривајќи детали што фрлаат ново светло врз неговото заминување од Сан Сиро.
Тој демантираше дека барал нереални финансиски услови за нов договор или дека притискал за трансфер во друг клуб, додавајќи дека наводниот интерес од Комо никогаш не му бил ни спомнат од неговиот агент, а целата вина ја насочи кон Фурлани и раководството на Милан, без Ибрахимовиќ.
Заслужив подобар третман. Не го очекував тоа. Кога еден извршен директор ќе ти се јави и ќе ти каже: Ако останеш, нема да играш воопшто, што можеш да направиш? Освен да побараш друга опција, нели?
Тео го посети на кампот на Милан пред дуелот со Наполи и се поздрави со своите поранешни соиграчи, но додаде дека Фурлани не бил таму за да се поздрави со него.
Не бев во можност со сите да се видам и да се поздравам онака како што сакам и жал ми е што загубија од Наполи. Фурлани? Не, тој не дојде, беа Алегри, Ибра и Таре. Му посакав многу среќа на Бартесаги, кој е одличен играч и се поздравив со Модриќ, кој е феномен со кого играв заедно во Реал Мадрид. Играч на сосема друго ниво.
Потоа продолжи за Малдини и начинот на кој е третирана легендата во Миланело.
Кога дојдов во Милан, тука беа Малдини, Масара и Бобан. Паоло беше мој идол. По неговото заминување, се почувствував изгубено. Лани, заедно со Калабрија се појавивме на тренинг со маици со ликот на Малдини и морам да признаам дека имаше луѓе на кои не им се допаѓаше тоа. Освен Ибра, никој друг во управата го нема миланизмот во него. Да, знам дека ланската сезона не беше моја најдобра, особено на натпреварите со Фиоретина и Феенорд, но фановите знаат дека јас сум давал се за дресот и знаат колку го сакам Милан.
Французинот откри дека ситуацијата на голманот Мајк Мањан е слична на неговата и предупреди дека Милан би можел да остане без уште една клучна фигура. Но и покрај болното заминување, Хернандез додаде дека е среќен што се преселил во Ал-Хилал, каде што тренер е поранешниот голем соперник од Милано, Симоне Инзаги.
Мислам дека го направив најдобриот избор, единствено нешто што ме нервира е сообраќајот во Ријад. Симоне Инзаги ми се јави и ме покани да дојдам тука, со зборовите „Ќе дојдеш ли заедно да победуваме?“. Знам дека го викаат „демонот“ во Интер, но надвор од теренот тој е џентлмен со кој можеш многу да разговараш. Постојано се шегуваат тој и неговиот стручен штаб со мене, но јас им враќам дека лани им го земавме Суперкупот пред нос. На таа шега тие ме потсетуваат на дерби дуелите кои ги загубивме или дуелите со Дамфрис.