ШТО АКО ИРАН СЕ ОТКАЖЕ ОД НАСТАП НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО?
Објавено на: 02.03.2026
Тензиите меѓу Иран, Израел и Соединетите Американски Држави добија и спортска димензија. Политичката криза директно го погоди фудбалот, откако претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ, јавно го доведе во прашање настапот на националниот тим на Светското првенство 2026 година.
Иран веќе избори пласман на Мундијалот, но ситуацијата станува особено чувствителна бидејќи сите три натпревари од групната фаза треба да ги одигра на територијата на САД. Според распоредот, Иран треба да игра против Нов Зеланд во Лос Анџелес, потоа против Белгија на истиот стадион, а третиот меч е предвиден против Египет во Сиетл. За шансите Иранците да патуваат на Светско, кратка изјава даде Таџ:
Со оглед на тоа што се случи денес и нападот на Соединетите Американски Држави, тешко е со оптимизам да гледаме кон Светското првенство, но конечната одлука мора да ја донесат спортските власти.
Дополнително, иранското домашно првенство е суспендирано на неодредено време, што директно ги погодува и странските фудбалери кои настапуваат во лигата и бараат начин да ја напуштат земјата.
Оваа ситуација отвора сериозни дилеми и за Меѓународната фудбалска федерација, која го организира Светското првенство што ќе се игра во САД, Мексико и Канада. Доколку Иран се повлече или му биде оневозможено учество, тоа би претставувало преседан со сериозни политички и спортски последици.
Според анализите на платформата Фудбал митс Дата, најреално сценарио во случај на откажување на Иран е Ирак да добие шанса. Ирак беше најдобро пласираната азиска репрезентација која не обезбеди директен пласман и ја очекува интерконтинентален бараж против Боливија или Суринам на неутрален терен. Победата би значела билет за Светското првенство.
Доколку Ирак не успее на терен, можно е ФИФА да му додели специјална покана како замена за Иран. Во случај ирачаните веќе да се пласираат по регуларен пат, следен кандидат би бил Обединетите Арапски Емирати.
Дополнителна компликација е можноста Иран и Соединетите Американски Држави да се соочат уште во првата нокаут-фаза, доколку и двете селекции завршат како второпласирани во своите групи. Таквиот исход би ја ставил ФИФА пред исклучително чувствителен предизвик.
Фудбалот, кој треба да обединува, повторно се најде во сенка на глобалната политика. Расплетот може да има далекусежни последици не само за Светското првенство, туку и за азискиот фудбал во целина.