Фудбал

ДОЦНЕШЕ ЗА НАТПРЕВАРОТ И ЈА ПРОПУШТИ ИСТОРИСКАТА ПОБЕДА

Вчеравечер ПСВ пред домашната публика во Ајндховен ја оствари втората најголема победа во Лигата на шампионите во клупската историја, совладувајќи го италијанскиот првак Наполи со високи 6-2. Иако Холанѓаните се најдоа во резултатска негатива по половина час игра, избраниците на Питер Бош одговорија на предизвикот и го потопија шампионот на Италија.

Сепак, еден член на ПСВ нема по добро да го памети историскиот триумф. Имено, Серџино Дест задоцни за натпреварот и поради тоа се најде на клупата за резерви, иако американскиот десен бек е стандарден првотимец. Значи, не задоцни на тренинг или прес-конференција, туку не се појави навреме во соблекувалната пред самиот натпревар.

„Некои правила ги поставивме уште пред три години и очекувам истите да се почитуваат без оправдување. Дури и една секунда доцнење, за мене е – доцнење! Секој мора да преземе одговорност за своите постапки. Дест е фантастичен играч, но очигледно мора да поработи на себе“, истакна тренерот Бош по мечот.

Дест влезе во игра дури во 84-тата минута при резултат од 4-1, дури откако Флеминг кој ја покриваше десната бековска позиција се истроши максимално, а имаше одличен настап иако е централен стопер.

Инаку, победата од 6-2 е втора најголема победа на ПСВ во ЛШ, поубедлив беше триумфот од 6-0 против Жалгирис во сезоната 1992/93.