Фудбал

СЕЛЕКТОРОТ ГО ИЗОСТАВИ НАЈСКАПИОТ ГОЛМАН, ПОВИКА ДАЛЕКУ ПОМЛАДИ ОД НЕГО

Давид Де Хеа (32) нема да игра на претстојното СП во Катар. Голманот на Манчестер Јунајтед е изоставен од најширокиот список на селекторот Луис Енрике, кој не смета на услугите на искусниот чувар на мрежата кој е најплатен во најквалитетната светска фудбалска национална лига.

Давид Де хеа во екипата од Олд Трафорд заработува скоро 20 милиони фунти по сезона, што е трипати повеќе од следниот на листата, а тоа е голманот на Челси, Кепа Аризабалага (28). Вториот се наоѓа на списокот со 55 играчи, но е во четврти план од петмината повикани голмани.

Според информациите од шпанскиот медиум АС, Луис Енрике преферирал помлади и помодерни голмани, односно прв избор му е Унаи Симон (25) од Атлетик Билбао, негова замена е Давид Раја (27) од Брентфорд, трето име е Роберт Санчез (24) од Брајтон, пред Кепа и Давид Сориа (29) од Хетафе.

Тројцата првоспоменати се сигурни патници, а другите двајца се замени во случај на повреда. Давид Де Хеа не играл за Шпанија од октомври 2020-та година. Прашањето е дали импресивната форма во последно време во која игра голманот на Црвените ѓаволи, може да придонесе за промени?