БАРСА БЕЗ ГЛАВНАТА „ДЕВЕТКА“ ВО ПРВОТО ЕЛ КЛАСИКО
Објавено на: 14.10.2025
Барселона во следните 30-тина дена ќе мора да се справува без Роберт Левандовски, на кого му е предвидена пауза од околу еден месец поради повреда на задната ложа. Тоа значи дека „деветката“ на Каталонците ќе го пропушти првото овосезонско Ел Класико, кое е предвидено да се одигра на 26 октомври.
Покрај дербито против Реал Мадрид, Левандовски ќе ги „скокне“ и натпреварите против Жирона, Олимпијакос, Елче и Бриж, додека на терените би требало да се врати за една од средбите против Атлетик Билбао или Челси по ноемвриската репрезентативна пауза.
Полскиот ветеран не е единствена главоболка за Флик. Од репрезентативната пауза со со ситни повреди се вратија Маркус Рашфорд и Феран Торес, Рафиња уште не тренира со екипата, но Бразилецот како и Ламин Јамал би требало да закрепнат до дуелот против Кралевите. Барса исто така е и без првиот голман Жоан Гарсија, кој нема да се врати на голот до крајот на идниот месец.
Што може десеткуваната Барса да направи во најголемото шпанско дерби?