Фудбал

РЕАЛ ЗНАЧИТЕЛНО ОСЛАБЕН ПРЕД ДУЕЛОТ СО СИТИ

Реал Мадрид се подготвува за големиот дуел против Манчестер Сити за првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, но шпанскиот гигант ќе биде значително ослабен.

И покрај тоа што Реал Мадрид е рекордер со 15 титули во ова натпреварување и има огромно европско педигре, тимот на Алваро Арбелоа ќе влезе во двомечот како благ аутсајдер, особено поради проблемите со повредени фудбалери.

Најголемите грижи за кралскиот клуб се повредите на Килијан Мбапе и Џуд Белингем. Францускиот напаѓач ги пропушти последните два натпревари поради проблем со коленото, додека Англичанецот се опоравува од повреда на задната ложа која ја заработи на натпреварот против Рајо Ваљекано минатиот месец.

Според шпанските медиуми, ниту Мбапе ниту Белингем нема да бидат подготвени за првиот меч против Манчестер Сити. Во клубот не сакаат да ризикуваат со нивното враќање, па затоа нема да бидат форсирани предвреме да се вратат на теренот.

Сепак, од Сантијаго Бернабе доаѓаат и позитивни вести. Се очекува двајцата фудбалери повторно да започнат со тренинзи следната недела, со план да бидат целосно подготвени за реваншот против Манчестер Сити.

Вториот натпревар ќе се игра на Итихад на 17 март, а во Реал се надеваат дека до тогаш и Мбапе и Белингем ќе добијат зелено светло од лекарскиот тим.

Поради тоа, Реал ќе се обиде во првиот натпревар да обезбеди што подобар резултат пред гостувањето во Манчестер, иако задачата ќе биде исклучително тешка против тимот на Пеп Гвардиола.