РАФА ПЛАНИРАЛ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРА ПО РОЛАН ГАРОС, НО СЕ ПРЕДОМИСЛИЛ
Објавено на: 29.05.2024
Кралот на земјата првпат во кариерата почувствува како е да го заврши настапот на Ролан Гарос, откако Зверев го елиминира уште во првото коло. Надал вложи многу напор за да биде физички подготвен за вториот овосезонски гренслем, но недостатокот на сила се виде уште во првите минути од дуелот против германскиот тенисер.
Долгите периоди пауза од изминатиов период го натераа Рафа да размислува за пензија, па дури и се договорил токму на Ролан Гарос да го потврди своето повлекување од спортот, но се предомислил во последен момент. Оваа информација ја соопшти директорката на турнирот и познатата поранешна тенисерка, Амели Морезмо.
„Сè беше договорено и подготвено за збогување, до моментот кога Рафа дојде во Париз и се предомисли“, истакна Морезмо.
Наводно, шпанскиот велемајстор се чувствувал многу подобро во изминативе неколку недели, неговото тело закрепнало подобро од очекуваното и решил да ја одложи пензијата.
А, како што самиот кажа, Рафа нема да се појави на Вимлдон и ќе ја пропушти сезоната на трева, со цел да биде подготвен за Олимписките игри во Париз.