Фудбал

ПРЕМИЕРЛИГАШИТЕ ПРЕДЛАГААТ ДА СЕ СКРАТАТ ПЕРИОДИТЕ ЗА ТРАНСФЕРИ

Премиерлигашките клубови предлагаат да се скрати времетраењето на летниот и зимскиот преоден рок на Островот, ексклузивно известува англискиот медиум „Телеграф“.

Предлогот е врз основа на воведување одредени промени кои според нив позитивно би се одразиле врз работата на клубовите, кога станува збор за составување на екипите во текот на трансфер прозорците.

Имено според предлогот, летниот преоден рок треба да се комплетира пред почетокот на сезоната, која обично почнува меѓу првата и втората недела од август, додека јануарскиот преоден рок да не трае повеќе од две недели.

Инаку, моментално летниот преоден рок во Премиер лигата почнува на 14 јуни и трае до 30 август до полноќ, додека зимскиот трансфер прозорец официјално се отвора на 1 јануари и трае до 3 февруари.

Овој потег би бил возможен доколку се стави забрана за продавање фудбалери во други лиги по истекот на новите рокови во Премиер лигата, со цел да не дојде до оштетување на ростерите и неможноста да се доведе замена.