ПОЗНАТ НЕВРОЛОГ ОБЈАСНИ ШТО МОЖЕ ДА СТОИ ЗАД ПРОБЛЕМОТ НА МУСИАЛА
Објавено на: 19.08.2026
Фудбалската јавност со загриженост ја следи здравствената состојба на Џамал Мусиала, откако фудбалерот на Баерн Минхен во краток период двапати колабираше на теренот.
Мусиала имаше проблеми на пријателските натпревари против Лајпциг и Хајденхајм, а потоа јавно откри дека му била дијагностицирана невролошка дисфункција.
По неговата изјава се појавија бројни прашања за тоа што точно значи ваквата состојба и, уште поважно, дали таа би можела да влијае врз продолжувањето на неговата професионална кариера.
За ситуацијата зборуваше професорот Кристоф Клајншниц, раководител на одделот за неврологија во Универзитетската болница во Есен.
Тој нагласи дека без целосните резултати од медицинските испитувања не може да се постави дијагноза, но врз основа на јавно познатите симптоми посочи една од можните причини.
Од невролошка гледна точка, би можело да станува збор за епилептичен напад. Можно е да се работи за таканаречена апсанс епилепсија, бидејќи симптомите како краткотрајна отсутност упатуваат на тоа. Сепак, за да го потврдиме тоа, би морале да ги знаеме сите резултати од невролошките испитувања.
Важно е да се потенцира дека германскиот невролог не му постави дијагноза на Мусиала, туку само објасни една од можностите врз основа на информациите кои досега се познати во јавноста.
Таквите краткотрајни епизоди на отсутност можат да предизвикаат моментно нарушување на свеста, при што лицето неколку секунди може слабо или воопшто да не реагира на околината.
Најважното прашање за Мусиала, сепак, е дали ќе може да ја продолжи кариерата на највисоко ниво.
Во тој поглед, Клајншниц испрати охрабрувачка порака.
Тоа е нешто што може ефикасно да се третира, но би барало континуирана терапија. Мусиала би можел да продолжи да игра фудбал.
Охрабрувачки информации пристигнуваат и од Баерн. Според германската новинска агенција DPA, во моментов нема индикации дека здравствената состојба би го спречила 23-годишниот фудбалер да ја продолжи професионалната кариера на досегашното ниво.
И самиот Мусиала порача дека нема намера да се откаже од фудбалот. Тој е под лекарски надзор, редовно разговара со специјалисти и смета дека неговото закрепнување се движи во добра насока.
Сепак, конечниот одговор за причината за двата инциденти ќе може да биде даден дури по завршувањето на сите потребни невролошки испитувања.