КИРЈОС СУСПЕНДИРАН ПОРАДИ КОКАИН
Објавено на: 19.08.2026
Австралискиот тенисер Ник Кирјос повторно се најде во центарот на вниманието, но овојпат поради случување надвор од теренот. Според објавените информации, тој е суспендиран откако примерок земен за време на турнирот на Мајорка покажал присуство на кокаин.
Кирјос во последните неколку години практично и да нема континуитет на тениските терени. Австралиецот одигра многу малку натпревари по 2022 година, пред сè поради проблемите со повреди, а неговите повремени обиди за враќање не ги донесоа посакуваните резултати.
По информацијата за суспензијата, Кирјос се огласи со соопштение во кое ја презеде одговорноста за случувањата.
Направив огромна грешка и преземам целосна одговорност за неа.
Тој им се извини на навивачите, семејството, спонзорите и луѓето кои му се блиски, а посебно ги спомена најмладите кои го следат.
Знам каков пример претставува ова и длабоко сум разочаран од себеси.
Кирјос нагласи дека не бара оправдување, но објасни дека последните неколку години биле исклучително тешки за него поради честите повреди и неизвесноста околу продолжувањето на кариерата.
Според него, сознанието дека можеби се приближува крајот на професионалната кариера било многу потешко отколку што очекувал.
Моето тело не беше способно да го направи она што мојот ум го очекуваше од него, а соочувањето со фактот дека сум блиску до крајот на кариерата беше потешко отколку што некогаш можев да замислам.
Австралиецот потсети и на својата позната изјава дека тој не го избрал тенисот, туку тенисот го избрал него. Токму затоа, како што вели, помислата дека треба да се откаже од нешто што го претставувало целиот негов живот му паднала исклучително тешко.
Сепак, јасно потенцираше дека ништо од тоа не го оправдува неговиот потег.
Кирјос најави дека во следните 28 дена ќе се повлече од социјалните мрежи и од јавноста, период во кој сака целосно да се фокусира на себе. Воедно побара да се почитува приватноста на неговото семејство.
Се извинувам. Ќе работам на себе и ќе се вратам подобар.