ВО МЕЛБУРН ЌЕ НИКНЕ СТАТУА НА ЃОКОВИЌ?
Објавено на: 27.01.2025
Првиот овосезонски гренслем припадна на Јаник Синер, по вчерашната одбрана на титулата во финалето против Александер Зверев.
Ова издание на Австралија Опен ќе се памети и по еден негативен момент, кој се случи во првото полуфинале изминатиот петок, кога Новак Ѓоковиќ се предаде по првиот сет во дуелот против Зверев. Повредата на бутниот мускул го спречи српскиот тенисер да одигра како што знае, а на заминување од теренот, публиката на „Род Лејвер“ арената го исвиркуваше.
Сепак, според генералниот директор на турнирот, Крег Тајли, свирежите не биле директно упатени кон Ѓоковиќ, иако и самиот Зверев мораше да интервенира за непријателската настроеност од страна на гледачите.
Е сега, колку и австралиската публика да не го почитува рекордерот по освоени гренслем-титули во Мелбурн, можно е негова статуа да им боде очи во блиска иднина. Барем така најави директорот Тајли.
„Би сакал да имаме цел комплекс од статуи на тениски великани. Секоја година поставуваме нова статуа од некој Австралијанец, но факт е дека овој комплекс е посветен на тенисот. Изграден е со идеја да биде тениски дом, токму поради тоа луѓето го посетуваат во текот на целата година. Новак на овој терен 10 пати беше шампион, дури мислам дека може повторно да слави. Секогаш кога имаме прилика да ја препознаеме величината и успехот на еден тенисер или тенисерка, јас сум тука да ја поддржам таа иницијатива. Било да се работи за Ѓоковиќ, Федерер, Серена Вилијамс… Листата е долга“, истакна Тајли.