Ракомет

ЗА МИТЕВ ТРАНСФЕР НА КАРИЕРАТА, ЗА АЛКАЛОИД 300.000 ЕВРА?

Марко Митев деновиве го живее сонот на секој спортист. Блесна во националниот дрес на Светското првенство во ракомет, имаше голем придонес за Македонија да застане како 15-та ракометна сила во светот, а во два наврати беше избран за играч на натпреварот, последно во поразот од големата Франција.

Бекот на Алкалоид сега е на чекор од остварување трансфер на кариерата, октако бундеслигашот  Магдебург покажа интерес за неговите услуги. На само 21 година, Митев покажа зрелост во својата игра, па така во 5 настапи забележа 22 погодоци и 14 асистенции, како втор најефикасен играч во селекцијата која ја предводеше Кире Лазаров.

Дека интересот на Магдебург е сериозен, покажува и сумата од 300.000 евра што германскиот тим сака да ја исплати на Алкалоид за Митев уште во наредните денови да го реализира трансферот. Поранешниот европски првак посакува уште сега да го добие ова засилување, наместо да почека договорот на Митев да истече во јуни годинава.