НИ БАЛИЌ, НИ КАРАБАТИЌ, КИРЕ ЛАЗАРОВ ЗА ЛИНО ЧЕРВАР Е НАЈДОБРИОТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА
Објавено на: 18.05.2026
Лино Червар повторно ја изненади ракометната јавност со изборот за најдобар ракометар на сите времиња. Иако работеше со легенди како Ивано Балиќ и се соочуваше со Никола Карабатиќ, легендарниот тренер смета дека број еден е Кирил Лазаров.
Уште при првата средба со Кире во летото 2000 година видов дека не станува збор само за талентиран спортист, туку за посебна личност. Имаше култура на комуникација, харизма и зрелост што ретко се гледа.
Во него препознав нешто повеќе од обичен играч. Видов човек кој е подготвен да стане врвен спортист. Имаше неверојатна работна етика, остануваше по тренинзите и постојано сакаше да напредува.
Червар посебно ја истакна способноста на Лазаров да учи од сопствените грешки.
Знаеше да зборува за своите грешки и да биде самокритичен. Тоа е особина што ја имаат само најголемите.
Најсилниот дел од неговото излагање беше кога објасни зошто токму Лазаров за него е најдобриот во историјата.
Го гледам Кире Лазаров како најдобар ракометар на сите времиња ако критериум е комплетната личност и долговечноста на врвно ниво. Никој друг не успеал толку долго да игра врвен ракомет. Дури и во 41 година. Ако зборуваме за долговечност, тогаш тој е прв на листата.
Червар го опиша Лазаров и како симбол на победнички менталитет и фер-плеј.
Тој не е само бројка. Тој е човек одлука. Кире Лазаров е човек со победнички карактер, но и вистински господин на ракометот.
Хрватскиот стратег посебно го пофали и неговиот однос кон Македонија.
Кај него секогаш се чувствуваше љубовта кон татковината. Никогаш не се двоумеше за кого сака да игра, иако имаше понуди и од други репрезентации.
За крај, Червар испрати можеби и најголем комплимент:
Образован, интелигентен и човек што зборува неколку светски јазици, Кире Лазаров е најдобриот министер за надворешни работи што Македонија може да го има.