Фудбал

НЕКОГАШ НАЈСКАП ВО СВЕТОТ, ДЕНЕС НЕПОЖЕЛЕН: МОНАКО СЕ ОТКАЖУВА ОД ПОГБА

Кариерата на Пол Погба би можела да добие уште еден тежок пресврт. Според Ле Париезиен, Монако донел одлука да го раскине договорот со 33-годишниот Французин, иако соработката меѓу двете страни треба да трае уште една сезона.

Погба некогаш важеше за еден од најдобрите и најбараните играчи од средниот ред во светот. Во 2012 година го напушти Манчестер Јунајтед практично без отштета и се пресели во Јувентус, каде што следуваше неговата фудбалска експлозија.

Со италијанскиот гигант освои четири последователни шампионски титули, а неговите настапи го претворија во една од најголемите светски ѕвезди.

Само четири години подоцна Манчестер Јунајтед реши да го врати и за неговиот потпис плати 105 милиони евра, плус дополнителни пет милиони преку бонуси. Во тој момент Погба стана најскапиот трансфер во историјата на фудбалот.

Сепак, неговиот втор престој во Манчестер не ги исполни во целост огромните очекувања, иако со клубот успеа да ги освои Лига Европа и Лига купот.

Најголемиот успех во кариерата го постигна во 2018 година, кога со Франција стана светски шампион. Погба беше еден од клучните играчи на репрезентацијата, а постигна и погодок во финалната победа од 4:2 против Хрватска.

По заминувањето од Манчестер Јунајтед во 2022 година повторно се врати во Јувентус, но вториот престој во Торино беше одбележан со повреди и суспензија поради допинг.

Монако минатото лето му понуди можност да ја оживее кариерата, но проблемите со физичката подготвеност продолжија да го следат.

Сега францускиот клуб, според информациите на Ле Паризиен, решил да ја прекине соработката пред истекот на договорот.

Доколку навистина дојде до разделба, останува големото прашање што следува за Погба: дали некогаш најскапиот фудбалер на планетата ќе побара уште една шанса или ова ќе биде крајот на неговата голема, но турбулентна кариера.