НАЈГОЛЕМАТА ПОБЕДА ВО НАШАТА ФУДБАЛСКА ИСТОРИЈА?
Објавено на: 31.12.2022
Тој 24-ти март ќе одекнува низ нашите историски ноти, уште долги години, децении, векови. Таа победа против европскиот шампион во баражот за СП, е многу повеќе од еден гол, многу повеќе од триумф, многу повеќе од фудбал. Нека се прогласи денот за национален фудбалски празник!

Македонија покажа и докажа дека знае и може да игра фудбал и против најголемите, ако пласманот на ЕП беше оспоруван поради „лесниот пат“ дотаму. Македонија ја победи и Германија во квалификациите за СП, каде беше втора на табелата во групата, со што обезбеди бараж за мундијалот.
Двата триумфа беа остварени на терените на противниците. Штета што пред нас се исправи Португалија, која замина на светското првенство, но се врати дома како попарена. Попарени беа Португалците уште на дуелот со Македонците, 2/3 од натпреварот не знаеја што да прават со топката. Неискуството и двата тешки дуела во краток период, беа пресудни на Драгао да не го повториме српското сценарио.
Но, ние сме задоволни и со волку. Не сме најсреќни, затоа што сакаме пласман на едно СП. Одиме чекор по чекор. Сакаме нашето знаме да се вее и нашата химна да се пее и на најголемата фудбалска сцена. Таму, да покажеме дека сме дел од светското фудбалско семејство.
Нека ни е среќна новата година, со надеж за нови фудбалски и воопшто спортски радости!