БАЕРН ДОБИ „ДВОЈКА“ ОД НАГЕЛСМАН, СЕЛЕКТОРОТ ПОТПИША НОВ ДОГОВОР
Објавено на: 19.04.2024
Џулијан Нагелсман ја одби опцијата да се врати на кормилото на Баерн Минхен, иако германскиот гигант отпочна процес на преговори со екстренерот кого го отпуштија пред повеќе од една година. Наместо камбек на „Алијан арена“, Нагелсман го продолжи договорот со германската федерација и ќе остане селектор на Панцерите до Светското првенство 2026.
„Ова беше емотивна одлука за мене. Огромна е честа да се биде тренер на националниот тим и да се работи со најдобрите фудбалери од нашата земја. Имаме шанса да ја инспирираме целата земја и народот да се гордее со нас на претстојното Европско првенство, а потоа да се фокусираме кон подготовка за Мундијалот во 2026 година“, истакна Нагелсман.
Талентираниот стратег досега ја водеше Германија на два пријателски натпревари во кои славеше против Франција и Холандија. Како домаќини на Европското, Германците се во група со Шкотска, Унгарија и Швајцарија.