Фудбал

РАЗДЕЛБА ПО ДВЕ ДЕЦЕНИИ: МУНИЈАИН ЗАМИНУВА ОД БИЛБАО КАКО КЛУПСКА ЛЕГЕНДА

Икер Мунијаин заминува од Атлетик Билбао по крајот на сезоната. Капитенот на баскискиот клуб по цели 19 години, од кои 15 ги помина во првиот тим на Билбао, реши дека е време за нов предизвик.

Крилниот офанзивец заминува со статус на легенда, со повеќе од 550 настапи за клубот, но и со три освоени трофеи – двапати се радуваше на пехар во шпанскиот Суперкуп, а по 40 години пауза оваа сезона го предводеше Билбао до трофеј во Кралскиот Куп.

„Дојдов во клубот како дете на 12 години, а по две изминати децении и 15 години како член на првиот тим, време е за разделба. Заминувам среќен и со исполнет сон, да запловам со „Грабара“ и по 40 години пауза да се радуваме на трофејот во шпанскиот Куп. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство, покажавме колку е блиска врската меѓу клубот и навивачите, навистина уникатна конекција. Донесов тешка одлука, но сметам дека е најдобрата за мене, но и за Билбао. До крајот на сезоната ќе се бориме за пласман во Лигата на шампионите. Напред Атлети“, изјави Мунијаин во видео-пораката.

Во вкупно 557 натпревари досега, 31-годишниот Мунијаин запиша 75 погодоци и 70 асистенции за Билбао, а неговиот нов клуб ќе се дознае во текот на летниот преоден рок.