МУРИЊО МУ ГО РАСИПА ПЛАНОТ НА ЈУНАЈТЕД: ЕНДРИК ОСТАНУВА ВО РЕАЛ
Објавено на: 12.08.2026
Манчестер Јунајтед се обидел да го доведе Ендрик на позајмица од Реал Мадрид, но Жозе Мурињо лично ставил крај на можноста младиот Бразилец повторно да го напушти клубот ова лето.
Дваесетгодишниот напаѓач се врати во Мадрид по успешната позајмица во Лион, каде повторно влезе во вистински ритам откако претходно тешко доаѓаше до редовна минутажа во Реал.
Ендрик за францускиот клуб забележа осум голови и пет асистенции на 21 натпревар, а неговите настапи го привлекоа вниманието на неколку европски клубови.
Меѓу нив бил и Манчестер Јунајтед, кој ја разгледувал можноста да го ангажира Бразилецот на позајмица. Астон Вила и Рома исто така се интересирале за неговите услуги.
Сепак, ситуацијата целосно се променила по одлуката на Жозе Мурињо.
Според АС, португалскиот стратег ги стопирал разговорите за нова позајмица бидејќи сака Ендрик да биде дел од неговиот прв тим во претстојната сезона.
Мурињо смета дека младиот Бразилец може да има важна улога во неговиот систем и планира да го користи како класичен централен напаѓач, но и како опција од десната страна на нападот.
Токму затоа Реал во моментов нема намера да разгледува понуди за негова позајмица, со што пропаднала и идејата на Манчестер Јунајтед.
За англискиот клуб Ендрик претставувал привлечна можност бидејќи би добил млад и исклучително талентиран напаѓач без потреба веднаш да плаќа огромна отштета.
Самиот Ендрик, пак, наводно е подготвен да остане во Мадрид и да се бори за своето место во тимот. Реал вложи многу во неговото доведување и развој, а добрите настапи во Лион очигледно го убедиле Мурињо дека нова позајмица во овој момент не е потребна.
Сепак, неговата ситуација би можела повторно да биде разгледана во јануари. Доколку во првиот дел од сезоната не добива доволно минутажа, Реал не ја исклучува можноста тогаш да му дозволи нова позајмица.