Останато

СИТЕ МАКЕДОНСКИ СПОРТИСТИ СО ОЛИМПИСКИ МЕДАЛ

Дејан Георгиевски пред три години во Токио нѐ израдува со најголемиот олимписки успех во самостојна Македонија, кога од Олимписките игри се врати со освоен сребрен медал во теквондо.

За жал, нашиот олимпиец годинава не е дел од глобалниот спортски настан кој моментално се одржува во Париз, но сепак и натаму Дејан важи за најуспешен наш претставник на една летна Олимпијада.

Покрај Георгиевски, уште и Могамед Ибрагимов ни има донесено медал, и тоа бронза во борење која ја освои на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Тие се единствените спортисти со олимписко одличје по осамостојувањето на Македонија.

Што се однесува за македонски спортисти кои имаат освоено медали како дел од поранешната југословенска држава, Благое Видиниќ освоил по еден сребрен и еден златен медал како член на југословенската фудбалска репрезентација во Мелбурн во 1956 и во Рим во 1960 година.

Нашата кошаркарска икона Благоја Георгиевски – Буштур од Олимпијадата во Монтреал во 1976 година се врати како вицешампион, односно со сребрен медал. На истата Олимпијада Аце Русевски го освои бронзениот медал во бокс во лесна категорија.

Единствен медал од Олимпијадата во Москва во 1980 година освои Шабан Сејдиу, бронза во борење во слободен стил во лесна категорија, а потоа го повтори успехот четири години подоцна во Лос Анџелес. Шабан Трстена е двократен олимписки медалист во борење, златото го освои во 1984 година во Лос Анџелес, а четири години подоцна стигна до среброто во Сеул.

Реџеп Реџеповски и Азиз Салиху освоија сребрен, односно бронзен медал во боксување во 1984 година во Лос Анџелес, додека на оваа Олимпијада уште Милко Ѓуровски со фудбалска Југославија  стигна до бронзениот медал.

Наша единствена спортистка со олимписки медал е Стојна Вангеловска, во 1988 година во Сеул освои сребро во кошарка настапувајќи за Југославија.