Ракомет

ХАНСЕН КАЖA ДОСТА E: НАЈДОБРИОТ ДАНСКИ РАКОМЕТАР ОДИ ВО ПЕНЗИЈА

Микел Хансен, најдобриот дански ракометар на сите времиња, одлучи да стави крај на кариерата по Олимписките игри во Париз. Овие неколку месеци ќе му бидат последни како активен ракометар, иако договорот со Алборг му важи до 2025 година.

„Речиси 20 години уживам во привилегијата да заработувам играјќи го спортот што го сакам. Низ годините настапував за едни од најголемите клубови во ракометот, а отсекогаш велев дека ќе престанам да играм на денот кога ракометот повеќе нема да ми буди возбуда. Јас уште уживам во него и сум максимално посветен, но моментално ме привлекуваат и други работи на кои би сакал да им дадам повеќе внимание. Затоа, сметам дека ова лето е совршен момент да ставам крај на кариерата“, истакна Хансен.

Данскиот бек на 36 години ова лето и дефинитивно ќе оди во пензија, откако ќе ги заврши обврските со својата репрезентација на ОИ во Париз. Низ својата кариера освои 33 клупски трофеи, а со Данска има олимписки злато и сребро, три светски титули и една европска титула.

Она што на Хансен му недостасува е трофеј во Лигата на шампионите, за што има последна шанса да го освои со Алборг како еден од четвртфиналистите во овосезонскиот шампионат.