ВТОРА ШАНСА ЗА МАЛАГА: КАТАРЦИТЕ ОД ПСЖ ЌЕ ГО ОЖИВУВААТ ШПАНСКИОТ КЛУБ
Објавено на: 27.03.2025
Сопствениците на ПСЖ, „Катар Спортс инвестментс“ под водство на Насер Ал-Келаифи, се блиску да остварат договор за откупување на шпанскиот второлигаш Малага, известува ексклузивно францускиот медиум „Л’екип“.
КСИ ќе инвестираат 100 милиони евра според информациите, за оживување на некогашниот шпански претставник во Лигата на шампионите, кој моментално игра во вториот ранг на шпанскиот фудбал.
Клубот моментално е во сопствеништво на шпанска компанија за недвижности и катарскиот бизнисмен Абдула Ал-Тани, кој на почетокот од минатата деценија вложуваше многу за Малага да се наметне меѓу шпанските гиганти. Првично тој обид беше успешен, Малага доведе неколку ѕвезди како Руд Ван Нистелрој, Санти Казорла, тука беше и Иско, па со нивна помош клубот играше во Лигата на шампионите и стигна до топ 8 фазата.
По само една година Малага доби суспензија од УЕФА поради нерегулирање на финансиите, што беше почеток на финансиските проблеми со кои клубот уште се бори. Токму газдите на ПСЖ ќе го решат овој проблем со откупување на акциите, а потоа ќе се инвестира соодветно за враќање на Малага во шпанската елита.