Ракомет

МАЕСТРО, ТИ НЕМА РАМЕН ПОД ОВА НЕБО! ТИ БЛАГОДАРИМЕ, ОД СРЦЕ!!

Освен што се збогува од натпреварите во Лигата на шампионите во фаза во која одамна не сме застанале со гледањето мечеви во елитната конкуренција, со поразот од Веспрем (39:30/27:41) во 1/8 финалето, Вардар остана и без еден од идејните творци на успехот што ниту некогаш некој во Македонија го имал, ниту пак ќе го има во таква форма во која ни беше духовно сервиран.

Иван Чупиќ, стрелецот на голот за првата македонска шампионска титула во елитното европско натпреварување, најдобриот стрелец на Хрватска на европските првенства, некогаш најдобриот стрелец во Лигата на шампионите, се збогува со Вардар и со Скопје, со Комити и со Македонците. Останува грутка во грлата и тежина во срцата, што тоа последно „бок“ не беше пред преполни трибини.

Поминаа 5 години искрена заедничка дружба, срцепарателно пријателство кое останува за навек, ракометни остварувања за кои ќе се зборува уште два века. Сите слушнаа и го видоа Вардар, како протече и го поплави континентот, кој не знае за владетел од помала земја. Тоа мало парче суверена територија, ќе ти биде вечно благодарно за крвта, потта и солзите!

Животот продолжува, животот лета, полетај со истата леснотија и во новите предизвици со Загреб, во твојата родна Хрватска, како што тоа го правеше во нашиот Вардар. И ти, секогаш ќе бидеш наш, тоа да ти биде вечно на ум. До следното видување, се надеваме во нормални спортски и човечки услови, кога ќе те поздравиме со наклон до земи… Сретан ти пут, Чупиќу!

Фото: РК Вардар / Телеком Веспрем / Давид Ворос