КЛОП СО НЕОЧЕКУВАН СТАВ ЗА ПАУЗИТЕ КОИ ГО НАЛУТИЈА ФУДБАЛСКИОТ СВЕТ
Објавено на: 24.06.2026
Хидратациските паузи се една од најконтроверзните новини на Светското првенство, а мислењата околу нив се поделени меѓу играчите, тренерите и навивачите.
Додека многумина сметаат дека триминутните прекини го нарушуваат ритамот на натпреварите, Јирген Клоп понуди поинаков поглед на целата ситуација.
Поранешниот тренер на Ливерпул, кој на Мундијалот работи како стручен коментатор за германска телевизија, призна дека како тренер би бил задоволен од ваквите паузи.
Навистина е жешко и добро е за играчите.
Германецот смета дека паузите имаат своја намена, но дека нивното времетраење е предолго.
Дефинитивно траат предолго, затоа што за да се напиеш вода не ти требаат две и пол минути.
Во изминатите денови критики кон новото правило упатија и неколку големи имиња. Капитенот на Холандија, Вирџил ван Дајк, порача дека не му се допаѓа тоа што секоја пауза практично се претвора во рекламна пауза на телевизиите.
Сличен став имаше и селекторот на Англија, Томас Тухел, кој оцени дека натпреварите на тој начин се делат на четири дела и го губат својот природен тек.
Клоп, сепак, смета дека постојат и позитивни страни.
Кога си на стадион, тоа е сосема во ред. Во Далас, на пример, имаше навивачки настапи на големиот екран и луѓето уживаа.
Тој додаде и малку хумор во целата приказна.
Кога ги гледаш натпреварите од дома и ќе почнат рекламите, можам да разберам зошто луѓето се жалат. Но на мои години, тоа е добра можност да отидеш до тоалет.
ФИФА ги воведе паузите како дел од новите мерки за заштита на играчите, а тие се применуваат на секој натпревар без разлика на временските услови.
Токму тоа е главната причина за дебатата. Додека едни сметаат дека здравјето на играчите мора да биде на прво место, други веруваат дека ваквите прекини премногу влијаат врз динамиката на играта и дополнително отвораат простор за телевизиски реклами и комерцијални содржини.
Како и да е, хидратациските паузи остануваат една од најдискутираните теми на ова Светско првенство.