Кошарка

КАКО ЌЕ ГО СОПРЕМЕ ЈОКИЌ? ЌЕ ГО КИДНАПИРАМЕ

Расположението во таборот на ЛА Лејкерс е на високо ниво, по победата против се уште актуелниот шампион Голден Стејт Вориорс, со 4:2 во полуфиналето на Западната конференција, по што ги чека дуел со Денвер Нагетс за пласман во големото финале на НБА лигата.

Леброн и Дејвис успеаја да ги елиминираат за нив незгодните Вориорс, помогнати од целокупната екипа, која потсеќа на онаа од ковид „бабл-от“ кога беше освоена последната титула за најгламурозната НБА франшиза, рекордната 17-та колку што имаат и Селтикс.

На прашањето од новинарите, како играчите на тимот од Лос Анџелес ќе се справат со српскиот интернационалец Никола Јокиќ, кој е првата ѕвезда на противничкиот тим во западното финале, тренерот на ѕвездената екипа, Дарвин Хем, рече:

Ќе го киднапираме. Ќе го чекаме да излезе од дома.

Потоа, откако сите се насмеаја, стратегот на Лејкерс рече дека примарен чувар на српскиот центар и вистински МВП и сезонава, Никола Јокиќ ќе биде Ентони Дејвис, а ако тој сам не успее да се снајде, тогаш ќе се одигра ротација, или тимска одбрана, или ќе се бара ад-хок решение.