КАКО АНГЛИЧАНИТЕ ГО ПОКОРУВААТ ЕВРОПСКИОТ ФУДБАЛ?
Објавено на: 11.07.2023
Новиот европски шампион до 21-на година е репрезентацијата на Гордиот Албион. Во финалето, англиските надежи ја совладаа селекцијата која играше 5 од последните 7 финалиња и има рекордни 5 титули, колку што во оваа конкуренција има и Италија. Но, тема на денот, сепак е селекцијата на Англија и стратегијата на Англичаните во обидот повторно да завладеат со европскиот фудбал.

На ЕП што се одигра во Грузија и Романија, оваа селекција стигна до освојување на пехарот без примен гол, совладувајќи ги Чешка (2:0), Израел (2:0) и Германија (2:0) во групата, односно Португалија (1:0), Израел (3:0) и Шпанија (1:0) во елиминациите. Ентони Гордон е избран за МВП, играч кој настапува за Њукасл. Џејмс Трафорд (М. Сити) одбрани сомнителен пенал и две одбиени топки, по одбраната на ударот од белата точка. Сите освен двајца репрезентативци на Англија, играат во англискиот фудбал.

Репрезентативен пехар немаат во сениорската конкуренција, на Стариот континент и се уште живеат на старата слава од триумфот на СП 1966-та на нивен терен, но со финалето на последното ЕП и солидното 1/4 финале на СП, најавуваат нова инвазија во сите конкуренции.

Во втората половина на 70-тите и во првата од 80-тите години, англиските клубови имаа 6 по ред, односно 7/8 европски титули во Купот на шампионите. Сега повторно се враќаат на сцената со тирумфот на Сити, но и претходно на Челси и Ливерпул, со 3 пехари во 5 сезони. Тука лежи тајната на успехот – Англија собира се што вреди од играчите, со помош на арапските пари и другите инвестиции од страна, со купување и на најдобрите тренерски умови, за да ги развива своите фудбалери кои ретко се решаваат да излезат од островскиот фудбал.
Ќе завладее ли Британија и со зелените терени, освен со брановите (како што вели британската патриотска песна, која се пее и на стадионите за време на натпреварите на селекцијата – Rule Britannia, Britannia rule the waves, Britons never, never, never shall be slaves…)?