Фудбал

ОСВОИ ТРОЈНА КРУНА СО МЕСИ, НЕЈМАР, ИНИЕСТА, А ДЕНЕС ПРОДАВА СПОРТСКА ОПРЕМА

Жереми Матју своевремено беше дел од златната генерација на Барселона која пред една деценија ја освои тројната круна и беше на врвот на фудбалот, но откако е во пензија работи сосема неочекувана професија.

Имено, изминатиов викенд неколкумина го открија новото работно место на поранешниот француски репрезентативец, кој работи како менаџер на „Интерспорт“ продавницата за спортска опрема во Марсеј. Облечен во брендираната униформа Матју ги изненади купувачите, но 41-годишниот ексдефанзивец без никаков проблем се согласи да се фотографира со нив.

Сепак, оваа работа е привремена за скромниот Матју, бидејќи моментално учи за тренерска лиценца по што планира да се врати во фудбалот во поинаква улога. Инаку, Матју од 2014 до 2017 година ги бранеше боите на Барселона, освои вкупно 9 трофеи меѓу кои и фамозната тројна круна во сезоната 2014/15, заедно со ѕвезди како Меси, Нејмар, Иниеста…