ОДБИВ ДА ПЛАТАМ 14 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЃОКЕРЕШ…
Објавено на: 18.11.2024
Виктор Ѓокереш моментално е топ тема во фудбалот поради извонредната сезона која Швеѓанецот ја има во дресот на Спортинг Лисабон, но и во националниот дрес. Голгетерот засега има 26 погодоци на своето конто од кои 21 се во дресот на португалскиот гигант, а има забележано и вкупно 8 асистенции за клуб и репрезентација, што само ја потврдува формата.
За брзо време Ѓокереш се наметна како еден од најдобрите напаѓачи во Европа, по што повеќе гиганти го ставија на своите списоци и се подготвени да ја активираат клаузулата од 100 милиони евра за да ги добијат неговите услуги.
Но, кариерата на Ѓокереш можеше да фати еден сосема друг правец, да не случеше одбивањето од поранешниот спортски директор на Лидс јунајтед, Виктор Орта. Имено, сегашниот работник на Севиља пред две години не сакаше да плати „ситни“ 14 милиони евра за Ѓокереш, кој тогаш ги бранеше боите на англискиот второлигаш Ковентри.
„Кога работев во Лидс, не сакав да потрошиме 14 милиони евра за него. Случаите како Ѓокереш се пријатните изненадувања во фудбалот, такви работи не можеш да предвидиш“, истакна Орта.
Откако Лидс, односно Орта, ја одминале приликата да го потпишат Ѓокереш, претставниците на Спортинг ја искористиле таа прилика и вложија 20 милиони евра, потег кој се покажа како вистински погодок.
Сега Ѓокереш ќе ја доигра до крај сезоната во дресот на Спортинг, а потоа… 100 милиони евра ќе завршат на сметка на Спортинг, а ќе видиме кој клуб ќе биде најбрз да ја активира клаузулата.